“По 60.000 денари чинела фотокопија на избирачките списоци, за која за потребите на последните парламентарни избори, политичките партии морале да му платат на Државниот завод за статистика, дознаваме од извори во партиите”, пишува весникот “Дневник”.
Поради високата цена на фотокопијата на списоците, партиите се обидувале да ги добијат “преку врски”, но безуспешно. Поради службен состанок, директорката на Државниот завод за статистика не беше достапна да каже дали е ова точно. Службите, пак, посочија дека овие прашања треба да се постават писмено. И покрај дописот до установата, до затворање на весникот оттаму не добивме одговор.
Во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер тврдат дека државните институции не смеат да прават такво нешто. Таму велат оти граѓаните и субјектите од која било државна и јавна институција имаат право да побараат какви било информации. Ако сакаат да добијат копија од потребните документи може да ги платат само по реална цена за фотокопирање, односно од два до пет денари за страница.
Во Комисијата немаат конкретни информации кои институции за што и по колку наплаќале за документи, но изјавуваат дека се подготвува предлог-ценовник. Во него ќе бидат утврдени само цените за материјалните трошоци за документите, односно ќе се плаќа само за хартијата или за друг вид материјал на кој граѓанинот ќе посака да му биде дадена информацијата.


