Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Пеце Ташевски и Комесарот за информации на Република Словенија  Наташа Пирц, потпишаа Меморандум за соработка, чија основна цел е зајакнување на соработката меѓу двете институции.
Првите луѓе на двете сродни институции, со овој документ се обврзаа да ја развиваат соработката на  полето на заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, со почитување на законодавството на своите држави и со почитување на потребите и конкретните можности .
Зацртано е идната соработка да се остварува во насока на подобрување на заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, особено на следните подрачја: усогласување на националното законодавство со acquis communautaire, односно со европските и меѓународните стандарди, јакнење на институционалната структура преку градење на институциите, односно обезбедување на спроведувањето на законите, како и подготовка и стимулирање на професионалните вештини на државните службеници во областа на заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Меѓу другото, во документот   зацртано е и  учество во twinning  и во други  мерки со кои се засилува административниот капацитет, финансирани преку програмите на Европската унија, како и популаризирање на постигнувањата на двете страни во областа на заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, со спроведување заеднички консултации, иницијативи и други активности.
Соработката меѓу двете институции, исто така, ќе се одвива преку консултации и координација на техничката и административна помош за размена на информации за важечкото законодавство, обука на експерти од областа на заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, организирање на студиски посети, семинари, работилници, тркалезни маси  и конференции, со учество на експерти и службени лица од двете страни, како  и соработка при стручните истражувања и расправи, како и преку размена на експерти во сектори од заемен интерес.
Договорено е Меморандумот да послужи како основа за склучување на спогодби и договори кои ќе придонесат во развојот на соработката ма конкретни подрачја на дејствување, како и заедничко залагање за добивање на финансиска поддршка од меѓународни извори за реализација на соработката на активностите предвидени во овој документ.