Во организација на Центарот за граѓански комуникации се одржа дебата за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Дебатата се одржа на онлајн платформата Zoom на која учество земаа повеќе од 70 учесници. Свои излагања на дебатата имаа Пламенка Бојчева, директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Љупчо Николовски, заменик на Претседателот на Владата на РСМ за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси и Ели Чакар од Министерството за локална самоуправа. Директорката Бојчева, во своето излагање ги запозна присутните со досегашната примена на Законот за СПИЈК и неговата имплементација во пракса. Претставниците на јавните институции, службени лица кај имателите на информации од јавен карактер, дискутираа за досегашните искуства од примената на законот, се со цел за да се укаже на недоследностите и да се извлечат препораки за унапредување на примената во иднина. Посебен фокус беше ставен врз активната транспарентност. Учесниците на дебатата истакнаа дека и во иднина потребно е да има што повеќе вакви дебати преку кои ќе ги разменуваат своите искуства од имплементацијата на законот, но и преку практични примери ќе се разрешуваат нејаснотии околу примената на Законот за СПИЈК.